Речиси две третини од сопствениците на светски брендови (63%) веќе користат генеративна вештачка интелигенција во нивните маркетинг стратегии, покажува новото истражување на Светската федерација на огласувачи (WFA). Меѓутоа, истражувањето исто така откри дека многу бизниси имаат сериозна загриженост за технологијата, особено за тоа како таа се користи од страна на нивните агенциски партнери.
Истражувањето на WFA се заснова на одговорите на 48 од најголемите светски компании со комбинирана годишна маркетинг потрошувачка од 102 милијарди долари.
Студијата покажа дека 80% од мултинационалните брендови се загрижени за тоа како нивните креативни и медиумски агенции користат генеративна вештачка интелигенција во нивно име. Правните ризици (66%), етичките грижи (51%) и потенцијалната штета на угледот (49%) беа идентификувани како главни пречки за поширокото усвојување на технологијата.
Многу маркетери признале дека им недостасуваат вештини за целосно користење на технологијата, а 55% наведуваат ограничени можности во оваа област. Дополнително, 49% од испитаниците укажале на недостаток на зрелост кога станува збор за употребата на вештачка интелигенција во нивните организации.
И покрај овие предизвици, употребата на генеративна вештачка интелигенција расте. Актуелниот процент од 63% на компании кои ја применуваат вештачката интелигенција претставува значителен скок од 45% наведени во слична студија што WFA ја објави минатата година. Само 9% од брендовите одговориле дека немаат планови да користат генеративна вештачка интелигенција во нивниот маркетинг.
Истражувањето покажа дека генеративната вештачка интелигенција најчесто се користи за создавање содржина, конципирање на содржина и автоматизација на задачи. Додека повеќето брендови ја користат технологијата за да ја подобрат ефикасноста во однос на заштедата на време и трошоци, многумина велат дека е премногу рано да се измери целосното влијание на вештачката интелигенција врз ефикасноста на маркетингот.
Во однос на одговорното користење на вештачката интелигенција, 63% од брендовите веќе имаат усвоено соодветни принципи и насоки за употреба на технологијата, иако само 35% презеле чекори за да ги применат тие принципи во пракса. Помалку од половина од анкетираните компании (44%) имаат воспоставено политики или упатства специјално за користење на генерирана вештачка интелигенција во маркетингот.
За да им помогне на брендовите да се справат со правните ризици од употребата на вештачка интелигенција, WFA објави нови доброволни упатства, развиени во партнерство со консултантската компанија R3. Насоките имаат за цел да им помогнат на 55% од компаниите кои планираат да ги ревидираат договорите со своите медиумски и креативни агенции за да вклучат заштни мерки во однос на употребата на вештачка интелигенција.
Повеќе за заклучоците од истражувањето на Светската федерација на огласувачи, како и за нивното ново практично упатство за примена на вештачката интелигенција, можете да најдете на следниот ЛИНК.