На денешната седница, Владата на РС Македонија го именуваше новинарот Душко Арсовски за свој нов портпарол.
Арсовски од 2012 година до сега извршувал повеќе позиции во МРТ, како уредник за надворешна политика, уредник на централниот дневник и во еден период заменик главен уредник на Информативната програма.
Претходно работел како новинар/продуцент и шеф на дописништвото на „Би-Би-Си“ на македонски во Скопје, а две години бил уредник и водител на вестите на „ТВ Алфа“ како дел од тимот којшто ја основаше телевизијата.
Арсовски дипломирал интердисциплинарни студии по новинарство на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје во 2001 а во 2017 година станува магистер на „Меѓународни односи – разрешување конфликти“ на Филозофскиот факултет при УКИМ во рамките на ТЕМПУС програмата.
Добитник е на наградата на Делегацијата на Европската Унија во Македонија – „Прашање на годината“ во 2005 година, за известувањето од ЕУ самитот во Брисел на кој Република Македонија доби статус земја – кандидат за членство во Унијата.
Во 2006 година добил сертификат од Делегацијата на ЕУ во Македонија за „Специјални достигнувања во известување за прашања поврзани со ЕУ“.
Од 2006 до 2010 година бил член на Извршниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија.
Душко Арсовски е роден во 1977 година во Куманово. Активно зборува англиски, бугарски и српски јазик и со основно познавање на грчки и на шпански јазик.