Две креативни кампањи од Македонија годинава се најдоа во финалето на престижниот Меѓународен огласувачки фестивал Golden Drum 2025, кој ќе се одржи на 13 и 14 октомври во Порторож, Словенија. Изборот го направи меѓународно стручно жири, кое вчера го објави потесниот избор финалисти што ќе се натпреваруваат за престижните признанија.
Првиот македонски финалист е кампањата „Made in Shade“ („Во Сенка“), создадена од агенцијата McCann Skopje за клиентот Халкбанк АД Скопје. Кампањата е инспирирана од големото значење на шумите во македонската култура, при што компанијата најави засадување на еден милион дрвја – најголемата зелена донација во историјата на земјата. Пораката беше раскажана преку едноставниот, но значаен дар кој го нудат дрвјата – нивната сенка, како место на игра, џагор и заедништво. Во ова кратко, но ефективно љубовно писмо кон природата, користејќи го дрвото како симбол на живот и обнова, Халбанк потсетува на важноста од грижа и свесност кон природата.
Другиот македонски финалист е кампањата „Flush The Hate“ („Избриши ја омразата“), создадена од агенцијата Saatchi & Saatchi Skopje за клиентот Македонски Телеком. Проектот ја адресира сè почестата појава на говор на омраза на интернетот, следејќи над 200 навредливи клучни зборови и коментари во реално време. Овие содржини беа симболично отпечатени на тоалетна хартија и испратени до влијателни личности, со што беа предизвикани бурни реакции и голема дискусија на социјалните мрежи. Пораката беше јасна – омразата може и треба да биде „избришана“.
Целосната листа на финалисти на Golden Drum 2025 може да се разгледа на следниот ЛИНК.
Победниците на фестивалот ќе бидат прогласени на свечената церемонија на 14 октомври, поддржана од Mastercard. Вечерта ќе биде крунисана со завршната забава „The Seaside Send-Off Party“ во Пиран, во организација на Schweppes, каде настап ќе има диџеј Алекс Ди Грув – настан кој ветува вистинска прослава на креативноста.
Освен натпреварувачкиот дел, фестивалот оваа година нуди богата програма со инспиративни предавања, динамични дебати и размена на идеи меѓу светски признати експерти. Целта е да се споделат нови согледувања и свежи перспективи кои ќе ја разгорат инспирацијата кај сите учесници и ќе го потврдат Golden Drum како еден од водечките собири на креативната индустрија во Европа.