Двете реклами се во продукција на Гугл Бренд Студио
Гугл креираше две реклами – едната фиктивна, а другата многу реална и крајно лична – а кои беа емитувани за време на доделувањето на Оскарите. Секоја од нив е емотивен удар врз гледачот, покажувајќи како дигиталните алатки на Google можат да помогнат во градењето и одржувањето на врските додека трае пандемијата на Ковид-19. Двете реклами се во продукција на Гугл Бренд Студио.
Во рекламата „A CODA Story“, Тони Ли, главен дизајнер на Гугл Бренд Студио, го опишува своето искуство растејќи како дете на глуви родители и како алатките за автоматско преведување му помогнале да го претстави своето бебе на неговите родители преку видео повик.
„Гугл е посветен на претставување на лицата со попреченост во нашата работа и приказните што ги раскажуваме“, рече К.Р.Лиу, директор на секторот за пристапност до брендот во Гугл Бренд Студио. „Заедницата на глуви и наглуви даде огромен придонес за нашите иновации во Google. Сега, повеќе од кога било, технологијата ни помага да останеме поврзани и ни овозможува да се поддржуваме едни со други во важни животни моменти“.
Втората реклама емитувана за време на доделувањето на Оскарите е директно поврзана со еден од номинираните филмови: „Мојот учител октопод“ на Нетфликс, кој се натпреваруваше во категоријата за најдобар документарен филм.
Во рекламата, гледаме едно младо момче кое се соочува со животни падови за време на карантин. Тој сè повеќе се дистанцира од виртуелното школување, па дури и од обидите на неговиот татко да го забавува. Искрата што ја оживува неговата страст доаѓа од неочекуван извор, а Гугл помага да се стимулира неговата љубопитност да научи повеќе.
Во случај да сте го пропуштиле феноменот „Мојот учител октопод“, документарниот филм го прикажува искуството на режисерот Крег Фостер, кој наиде на октопод додека возеше покрај бреговите на Јужна Африка. Постепено формира длабока поврзаност со суштеството и ја следи неговата борба за опстанок и репродукција.
Двете реклами многу потсетуваат на „Драга Софи“, видео создадено од страна на Гугл во 2011 година, во кое татко ги користи алатките на Google Chromе за да го овековечи раното детство на својата ќерка.