Британскиот бренд на чај Taj Mahal, во сопственост на Lipton, го собори Гинисовиот рекорд за „Најголемиот билборд што стапува во интеракција со околината“.
Се работи за билборд со должина од 45 метри, претворен во жичен музички инструмент што продуцира музика при дожд. Во суштина, билбордот претставува џиновска верзија на индискиот традиционален инструмент „сантур“. Тој се активирал под тежината на обилните врнежи, а како резултат автоматски ја изведувал мелодијата “Raag Megh Malhar” која го слави токму дождот.
Билбордот бил поставен пред железничка станица во индиската провинција Андра Прадеш, за време на монсунската сезона на врнежи која обично трае од јуни до септември. Брендот го добил признанието од Гинисовата книга на рекорди на 10 октомври, а билбордот бил конечно симнат на 16 октомври.
Кампањата била осмислена и реализирана во соработка со креативната агенција Ogilvy India.