Подготовката на просторот предвиден за едукација на врвни шефови на кујни и кулинари, послуга и сомелиери е во завршна фаза. Институтот за кулинарски уметности е независен, пазарно ориентиран едукативен центар, но и проект за подобрување на културата на исхрана и освестување на целокупната публика за значењето на храната, адресирајќи ги страните кои ја консумираат и страните кои ја произведуваат.
Следната генерација на шефови на кујни, менаџери на ресторани и хотели и сите професионалци кои се тесно поврзани со угостителството, ќе имаат можност да учат од најдобриот мастер шеф Влатко Огненовски и тим на експерти од земјата и странство, чија виртуозност во подготовката на храна преку овој Институт ќе се канализира во наука за храна – правец кој одамна ни е потребен.
Изучувањето на науката за храна преку Институтот за кулинарски уметности ќе се одвива во комбинирана програма која обединува практично и теоретско учење поделено во 9 месеци, односно 6 месеци учење и 3 месеци пракса. Основната програма про-шеф предвидува 13 курса поделени во 100 лекции. Покрај основните кулинарски лекции, студентите ќе изучуваат англиски јазик, менаџмент, маркетинг, стандарди за храна и креативност. Најзначајно за оваа инститиуција е дека целиот кадар од дипломирани студенти директно ќе го пласира на пазарот на трудот, односно секој студент има загарантирана работа по завршување на обуката. Институтот е сместен во Центарот за дизајн и иновации Јавна соба, на третиот спрат. Покрај едукативната програма, планот за работа на Институтот вклучува организирање и посета на саеми на храна, интернационални посети, дегустации, изложби, фестивали и останати форми за интеракција со пошироката публика од земјата и светот.
Македонија е препознатлива по добрата и вкусна кујна, но и по изобилието на природни овошја и зеленчуци, што пак претставува позиционирана предност во градењето на интернационален имиџ, на кој, преку овој Институт ќе се работи во правец на надградба и систематски приод.
Овој Институт според формата, мисијата и пристапот е единствен на Балканот. Во согласност со планот, со работа ќе започне на 1 март, а веќе кон крајот на годинава ќе ја имаме и првата генерација на професионални шефови на кујни, сомелиери и келнери.