Компанијата што ни ја донесе FIFA франшизата, Electronic Arts или скратено EA Games, после острите критики на целата интернет заедница, одлучи да ги отстрани рекламите за FIFA 21 од детските списанија, кои ги охрабруваат младите да се коцкаат и да трошат пари на FIFA поени.
Рекламата во едно популарно британско списание за играчки прикажува „упатство“ за играње на FIFA Ultimate Team, а вториот чекор ги поттикнува децата „да ги користат своите ФИФА поени за да отворат пакети со картици“.
ФИФА поените се виртуелна валута во самата игра, со која може да се купат „кесички“ со слики од играчите. Овие поени може да се заработат со играње на играта, но повеќето корисници ги купуваат со вистински пари, што е многу побрз и попопуларен метод.
Освен фактот што ова е многу несоодветна реклама за толку млада публика, таа исто така го поттикнува и коцкањето. Имено, сликичките што се добиваст во пакувањата се случајни, што значи дека постои можност да потрошите огромна сума пари пред да го пронајдете токму оној што го сакате.
ЕА јавно се извини и ја отстрани рекламата.