Платформата за е-трговија eBay го објави новото продолжение на кампањата “Inspired by an eBay Story” („Инспирирано од иБеј приказна“), насловено “Parts & Furious” („Делови и бесни“). Како што укажува и насловот, се работи за реинтерпретација на познатата филмска франшиза “Fast & Furious” („Брзи и бесни“) со актерот Вин Дизел.
Во рекламата се раскажува приказната за еден млад вљубеник во автомобилите и тркањето, кој како подарок од својата мајка го добива својот прв автомобил. Но, најблаго речено, автомобилот воопшто не е погоден за тркање.
Сепак, благодарение на можностите кои ги нуди платформата за онлајн трговија eBay, младиот ентузијаст веднаш се фаќа за работа. Тој преку eBay ги купува сите потребни делови за навистина да го трансформира автомобилот во онаков каков што го сонувал.
Пораката на кампањата е дека позади сите продажби и купувања на eBay, често се наоѓа некоја интригантна приказна на ентузијазам и страст.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Dude од Италија.