Еден од најголемите светски маркетинг настани, Marketing Kingdom, по двегодишна пауза, се враќа во Белград. Дводневниот маркетиншки спектакал вклучува презентации од некои од најголемите светски маркетинг експерти кои доаѓаат од супербрендовите како You Tube, Microsoft, Coca-Cola, Henkel, Philips, Huffington Post и BBC.
Во пресрет на настанот кој ќе се оддржи на 5 и 6 март, накратко поразговаравме со Коста Петров, извршниот директор на македонската агенција P-World, организатори на настанот.
M365: Коста, по две години, Marketing Kingdom повторно се враќа во Белград. Од каде идејата за тоа?
Пред се, ви благодарам за несебичната поддршка во изминативе четири години. Маркетинг365 е всушност единствениот медиум од земјава што го подржува нашиот настан и навистина ни значи тоа. Сепак сме ние македонска компанија и поддршката на домашен терен ни е најважна.
Во Белград се враќаме по две годишна пауза. Идејата ни беше регионалното издание на Marketing Kingdom да го организираме секоја година во различен град од регионот. Првите две години настанот се одржуваше во Загреб, потоа и во Босна и Херцеговина и логично беше, четвртото издание на настанот да се одржи во Белград. Сепак, во изминатите четири години, најголем број од нашите делегати доаѓаа од Србија.
Инаку, ова е четврто регионално издание на настанот а вкупно 15-то издание на настанот. До сега Marketing Kingdom се има одржано во 7 различни земји меѓу кои се и Катар и Азербејџан. Оваа година и Кралството Јордан се приклучи кон Marketing Kingdom семејството и навистина сме горди што токму од тука, од Македонија, се организира еден од најголемите маркетиншки настани во светот.
M365: Што го прави Marketing Kingdom различен од другите настани? Сепак, не е единствениот регионален собир на маркетинг професионалци?
Не е единствениот регионален настан за маркетинг но е единствениот глобален маркетиншки настан во регионот. Во изминатите четири години, Marketing Kingdom беше единствениот настан на кој зборуваа некои од најголемите светски маркетиншки експерти. Ние бевме првиот настан што во 2012та и 2013та година имаше претставник од Facebooк. Минатата година во Загреб, за првпат донесовме претставници од Spotify и Mashable а оваа година нашиот настан е првиот настан во регионот што има предавач од You Tube. Регионалните маркетинг експерти пред неколку години мораа да патуваат до Лондон или Њујорк за да слушнат за најновите глобални трендови во маркетингот. Нашиот настан го промени тоа и навистина сме горди на нашиот успех.
M365: You Tube, BBC, Huffington Post и Coca- Cola се само мал дел од брендовите кои ќе презентираат на овогодишното издание на Marketing Kingdom . Бидејќи ги знаеш лично повеќето од предавачите, кои презентации мислиш ќе бидат најинтересни за нашите регионални маркетинг експерти?
Главна тема за 2015та е профитабилност во време на друштвени медии. Секоја презентација се фокусира на оваа проблематика а некои од предавачите кои би ги извоил се Ана Јакубовски, која е Извршен Директор за Кока Кола во Полска и балтичките земји. Нејзината презентација е секогаш најдобро оценувата презентација на нашите настаните. Интересна ќе бидеи презентацијата на Шон Гарднер кој во 2014та Форбс магазин го избра за највлијателниот експерт за друштвени медиии во светот, како и презентацијата на Рик Веб кој беше директор за друштвени медиии во Нокиа а денес е директор за друштвени мрежи во Мicrosoft.
M365: Бидејќи ова е регионален настан, каква е заинтересираноста од Македонија за настанот?
Најголемиот број од нашите делегати доаѓаат од Србија и Хрватска. За жал, години по ред, од Македонија имаме најмал број на делегати. Искрено,се надевам дека оваа година тоа ќе се промени. Настанот е одлична можност да се слушнат најважните глобални трендови во 2015та година но во исто време и да се направи добар нетворкинг со регионалните маркетинг експерти.
M365: За само четири години, од регионален настан, Marketing Kingdom стана еден од најголемите маркетиншки настан во светот. Оваа година настанот ќе се одржи и во Јордан. Која е тајната на огромниот успех на настанот?
Навистина сме горди на огромниот успех. Да се организира глобален маркетиншки настан во 7 земји во светот е навистина огромна работа. Тајната најверојатно е во одличната услуга која им ја нудиме и на делегатите и на предавачите. Пред неколку години, мака мачевме да донесеме светски експерти во регионот а денес, поради добрата репутација на настанот, тие самите нас не бараат и прашуваат дали можат да зборуваат на настанот. Во 2015та година, освен во Јордан настано ќе го организираме во уште две нови земји а веќе од 2016та планираме да го однесеме настанот и во Америка. Целта ни е до крај на 2016та година, Marketing Kingdom да биде најголемиот светски настан за маркетинг.
За подетални информации околу програмата и предавачите на Marketing Kingdom посетете ја официјалната веб страна на настанот: http://www.thepworld.com/pevents/event/89/marketing-kingdom-belgrade