Светската еколошка организација “World Wide Fund for Nature”, попозната како WWF, одбележува 60 години од своето основање и континуираната борба за заштита на животната средина и планетата Земја.
По тој повод, непрофитната организација лансираше нова кампања насловена “One Shared Home” („Еден споделен дом“), во која истакнува дека напорите на луѓето не треба да бидат насочени кон зачувувањето на само една панда, една шума или една средина, туку на целата, заедничка Земја. „Ова не е чин на добротворност, туку чин на преживување“ – се истакнува во кампањата.
Централниот спот прикажуваа колаж од страшни снимки за еколошките кризи со кои се соочуваат луѓето, природата и целиот жив свет, вклучувајќи го девастирањето на природните предели, климатските промени и растот на загаденоста со пластика. „Ние сме првата генерација која знае дека го уништуваме својот дом, а можеби и последната која може да стори нешто во врска со тоа“ – се заклучува во спотот.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Uncommon Creative Studio, додека пак медискиот закуп е задача на агенцијата Dentsu.