Британскиот бренд на виски The Glenlivet ја лансираше една од најдобрите реклами кои ќе ги видите оваа година во категоријата на алкохолни пијалоци
Рекламата насловена “Against the Tide” („Контра плимата“, во преносна смисла) е дел од глобалната и повеќегодишна бренд-платформа “Original By Tradition” („Оригинални по традиција“) која се фокусира на иновативната историја на компанијата за виски, уште од нејзиното основање во 1824 година.
Меѓутоа, рекламата е далеку од вообичаените спотови кои сме навикнале да ги гледаме кога е во прашање историјата на алкохолните брендови – немаме стари, црно-бели и досадни слики или снимки проследени со нарација. Напротив, оваа реклама е енергетична, динамична, модерна и епска.
Таа отпочнува со сцена во која актер кој го толкува ликот на основачот Џорџ Смит ја произведува совршената чаша виски во неговата стара дестилерија од 19 век. Но, кога запчаниците т.е. тркалото на времето ќе започне да се врти, Смит бега низ прозорецот на дестилеријата која се руши.
Тој продолжува енергично да се движи низ времето метафорично претставено како лента за трчање, се соочува и се пробива низ сите предизвици и различни привремени трендови низ годините – иновативниот дух се бори и секогаш наоѓа начин да опстане, секогаш на чекор пред другите.
Реклмата е создадена со помош на американската креативна агенција Crispin Porter Bogusky и ќе се емитува на телевизија и онлајн во САД, Канада, Велика Британија, Кина, Тајван и Хонг-Конг.