Една од водечките ПР агенции од Србија, Represent Communications, од пред неколку дена отвори своја канцеларија во Скопје која ќе биде задолжена за работата на агенцијата во Македонија.
Represent Communications од 20о6 година е афилијација на Weber Shandwick за Србија и за Црна Гора и во моментов има четири регионални канцеларии – Белград, Подгорица, Бања Лука и сега Скопје. Основана е во 2002 година, нуди различни услуги за интегрирани комуникации и досега неколкупати била прогласувана за Агенција на годината во Србија и е повеќекратен добитник на различни награди за своте проекти низ годините.
“Се` почестите барања од клиентите за агенција која од еден центар ќе може да ги сервисира клиентите на повеќе пазари, доведоа до тоа да започнеме да работиме и во Македонија. Присуството на регионалните пазари не увери во зрелоста на клиентите и подготвеноста за нови услуги, па пазарот во Македонија го видовме како исклучително перспективен и заинтересиран за понатамошен развој на полето на комуникациите. Запознавме голем број на компании кои ги следат трендовите и би сакале поактивно да бидат присутни како во традиционалните медиуми, така и на новите канали.“ – велат од компанијата во својата објава за почетокот на работата во Македонија.
Извршен директор на Represent Communications е Борислав Милјановиќ, кој исто така е запишан и како основач на компанијата во Македонија. Задолжена за развојот на бизнисот во Македонија ќе биде Наташа Божиновска Миркова, која поседува повеќегодишно искуство во областа на дигиталниот маркетинг и SEO.
Работењето во Македонија ќе го надгледува Јелена Микиќ, регионален директор на агенцијата Represent Communications.
Повеќе за агенцијата можете да погледнете на нивниот веб сајт: http://represent.rs