Прославата на 100-годишниот јубилеј на Disney, кој што се одбележуваже во текот на целата 2023 година, кулминираше со јавното објавување на краткиот филм “Once Upon a Studio” („Еднаш во едно студио“).
Се работи за анимиран филм кој првично беше прикажан на Меѓународниот филмски фестивал за анимација во францускиот град Анеси уште во месецот јуни, а потоа се емитуваше на телевизијата ABC и стриминг платформите Disney+ и Hulu во октомври. Сега, пак, филмот е поставен на видео платформата YouTube и достапен за бесплатно гледање насекаде низ светот, пренесувајќи дел од богатото кинематографско наследство на Disney директно до домовите на гледачите.
Во филмот се појавуваат дури 543 ликови од едновековното портфолио на Disney – приказна што започнува од пионерската графика на Мики Маус во култната епизода Steamboat Willie (1928). Во филмот се преплетува современата компјутерска графика со рачно цртана анимација и снимки во реален физички простор со живи актери, оддавајќи почит на влијанието што студиото го имало врз бројни генерации и жанрови.
Сценариото и режијата се дело на талентираното дуо Ден Абрахам и Трент Кори, а продуцентската работа ја завршија Ивет Мерино и Бредфорд Симонсен.
Погледнете го целиот 9-минутен филм во продолжение: