Со растот на трошоците за живот, инфлацијата и општата вознемиреност кај потрошувачите ширум светот, еден германски маркет и производител на прехрамбени производи одлучи ја направи цената клучен елемент во дизајнот на нивните амбалажи – заложувајќи се пред потрошувачите за поголема стабилност на цените.
Се работи за брендот Penny кој во септември ги претстави своите „Ценовни пакувања“, осмислени во соработка со германската креативна агенција Serviceplan. Производите ја прикажуваат цената со големи букви директно на пакувањето. Во свет на постојано флуктуирачки цени, овој дизајн служи како ветување за стабилност на цените. Тие истовремено треба да им олеснат на потрошувачите да забележат добра зделка, особено покрај повисоките цени на големите брендови на истите полици во маркетот.
Вакви пакувања биле создадени за артикли кои според истражувањата се покажале како ценовно најстабилни во маркетите на Penny, како на пример леб, сол, овес, чипс и мајонез. Иако не е гаранција дека нивната цена никогаш нема да се промени, таквиот процес би траел барем неколку месеци додека се смени и целиот производствен процес и дизајнот на самата амабалажа.
Лансирањето на новите ценовни амбалажи е проследено со национална огласувачка кампања која вклучува билборди, постери, дигитални дисплеј реклами и активности на социјалните мрежи. Креативните визуелни решенија за пласираните реклами се исто така минималистички како самите пакувања на производите.