Во пресрет на одржувањето на второто издание на конференција за фриленсери “Freelance Conference 2024” закажана за 29 април 2024 во хотел Мериот во Скопје, разговараме со Елена Иванова од организацискиот тим на Импакт Фондација, која стои позади организирањето на овој настан.
- Маркетинг365: Ова е второ издание на “Freelance Conference” после своето деби во 2022 год. Која е всушност мисијата на оваа конференција?
Елена Инванова: Втората фриленс конференција има за цел да ги информира фриленсерите за сите информации кои им се потребни за да станат легални и конкурентни во својата област. Работата на дигитални платформи не е од секогаш присутна кај нас и не е јасно понудена опција за младите. Дигиталните работни места нудат слобода која другите професии не ја нудат и ние сакаме тоа да биде достапно и за младите од Македонија. Затоа втората фриленс конференција го носи слоганот – Фриленс, е за слобода.
2. Маркетинг365: Што може посетителите да очекуваат годинава од програмскиот дел на конференцијата?
Елена Иванова: Оваа година нудиме исцрпни презентации кои се осврнуваат на легалниот дел- што значи да се биде фриленсер и која е правната рамка во која тој функционира во нашата држава, понатаму како е да се биде фриленсер во светот и кои се обврските таму. Исто така знаеме дека фриленсер се станува со макотрпна работа и заради тоа нудиме панел дискусија за алатки и вештини кои дигиталните работни места ги бараат и како дасе стекнат со нив. Финансиската сигурност на фриленсерите е жешка тема која ќе ја обработиме во панел дискусија со пензиските друштва и банките во земјата и за крај ќе зборуваме со дигитални номади и дестинации за дигитални номади. Новитет оваа година е Менторско Ќоше, каде за време на ручекот ќе можат сите сегашни идни фриленсери да си закажат запознавање со успешни етаблирани фриленсери од Македонија.
3. Маркетинг365: Колку институционалната поддршка е важна во развојот на домашниот фриленс еко-систем? Кои институции “доаѓаат” на настанот?
Елена Иванова: Пред овој настан одржавме тркалезна маса со сите релевантни институции кои покажаа волја и спремност да помогнат да го изградиме еко системот на фриленсерит во Македонија а тука се: Управа за јавни приходи, министерство за финансии, министерство за труд и социјална политика, агенција за вработување, правниот факултет, Меѓународната организација на трудот и ред невладини организации, наши поддржувачи.
4. Маркетинг365: Импакт фондација е веројатно организацијата која најмногу вложува во развојот на домашниот фриленс еко-систем. Каде е Македонија на тој пат споредено со останатите земји? Што уште треба да направиме?
Елена Иванова: Македонија не заостанува во иницијативата да се изгради тој еко систем, но морам да речам дека има далеку полиберални земји кои овие прашања полесно ги решаваат, како што е Албанија на пример.
Додека земјите во регионот кои имаат уредување што ја следи правната рамка од бивша Југославија имаат слични проблеми и во многу активности сме на исто ниво. Нам лобирањето за оваа тема ни е во една од најважните активности последниве години.
Но имаме примери и од земји како соседна Србија каде дел од активностите на тамошната Влада пред неколку години подразбираа ретроактивно плаќање данок наназад 5 години. Така испровоцираа создавање на здружение на фриленсерите што е далеку поактивно од нас на пример и се бори со сосема поинакви предизвици.