Американскиот вински бренд Archer Roose Wines се потсмева со виртуелниот метаверзум во својот најнов рекламен спот со акерката Елизабет Бенкс, која истовремено е сосопственичка и генерална креативна директорка на брендот.
Спотот насловен “Wine Tasting in the Metaverse” („Дегустација на вино во метаверзумот“) започнува со сцена во која Бенкс се наоѓа во нејзината кујна и на очи става пар наизглед „футуристички“, но сосем обични црни наочари (алудирајќи на хедсет за виртуелна реалност). Притоа, таа иронично вели дека сé околу неа изгледа „толку реално“.
Кога нејзината збунета пријателка влегува во кујната, таа прашува зошто познатата актерка ги носи нејзините наочари. Но, Бенкс не застанува со ироничниот хумор, па зема една вазна и ѝ ја подава на пријателката, велејќи дека се работи за „дигитален незаменлив токен“ (non-fungible token).
Во суштина се работи за сатирична реклама која си поигрува со фактот дека не многу луѓе можат точно да одредат што е всушност метаверзумот и го позиционира Archer Roose како бренд на производи во кои најдобро се ужива во реалниот свет со луѓето од реалниот свет.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Colossus.