Во април оваа година беше соопштено дека најбогатиот човек на светот Елон Маск постигнал договор за купување на социјалната мрежа Твитер по цена од 44 милијарди долари. Меѓутоа, како што времето изминуваше, почнаа да се јавуваат проблеми, главно поврзани со одредувањето на точниот број на спам и лажни профили кои оперираат на Твитер. Но, сега се чини дека договорт целосно пропадна.
Маск го раскинал договорот за купување на Твитер, наводно бидејќи сé уште не добил точен број на спам и лажни профили кои оперираат на платформата. Поради раскинувањето на договорот, Маск ќе треба да плати „само“ 1 милијарда долари.
Од Твитер, пак, инстистираат дека тие целосно ги исполниле своите обврски од договорот и дека на Маск му ги испратиле бараните податоци, па сега го бараат целосниот износ од 44 милијарди долари.
Затоа, компанијата се подготвува за правна битка со милјардерот, ангажирајќи ја адвокатската фирма Wachtell, Lipton, Rosen & Katz LLP од Њујорк за да ја води судската постапка. Се најавува дека тужбата против Маск ќе биде поднесена во Канцеларискиот суд во сојузната држава Делавер во САД (Delaware Court of Chancery).
Претседавачот со бордот на директори на Твитер, Брет Тејлор, потврди дека компанијата сé уште се надева да го комплетира договорот, дури и по законска присила.
„Бордот на Твитер е посветен на затворање на трансакцијата по цена и услови како што беше договорено со г-дин Маск и планира да поведе правни дејствија за спроведување на договорот за спојување. Уверени сме дека ќе победиме во Канцеларискиот суд во Делавер“ – напишал Тејлор на неговиот Твитер профил.