Ексцентричниот милјардер и најбогат човек во светот Елон Маск ја купи социјалната мрежа Twitter за 44 милијарди долари.
Според постигнатиот договор, Маск на акционерите на Твитер ќе треба да им плати 52,20 долари по акција, што е за 38% поголем износ од берзанската цена на акциите на Твитер на почетокот од месецов.
Елон Маск на почетокот од април купи 9.2% од акциите на Твитер и со тоа стана најголем сопственик на акции во компанијата. Меѓутоа, една недела подоцна, Маск достави нова понуда за целосно купување на компанијата и нејзино трансформирање во приватен капитал, што конечно и ќе се оствари благодарение на постигнатиот договор.
Како главна причина за купувањето на Твитер, Маск ја наведува „слободата на говорот“, односно унапредувањето на тоа човеково право и борбата против цензурата во интернет просторот.
„Одлучив да вложам во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говорот низ светот, а сметам дека слободата на говорот е општествен императив за функционална демократија. Меѓутоа, откако инвестирав, сфатив дека компанијата во сегашната форма неможе да напредува, ниту да служи на овој општествен императив. Твитер мора да стане приватна компанија. Тој има огромен потенцијал, а јас ќе го ослободам“ – истакнал Елон Маск во пријавата за купување на Твитер.