Милијардерот Елон Маск купи 9.2% од акциите на социјалната мрежа Твитер, со што стана најголем поединечен акционер во компанијата.
Маск не откри колку платил за купените акции, но по завршувањето на берзанскиот ден во петокот кога беше остварен договорот, неговите акции биле вредни 2.9 милијарди долари, односно 3.5 милијарди долари по големиот скок на нивната вредност во понеделникот.
Следствено, Маск во вторникот доби седиште во Бордот на директори на Твитер, со мандат до 2024 година. Како дел од договорот, Маск се согласил да не купува повеќе од 14.9% од акциите на компанијата додека членува во Бордот.
Елон Маск јавно не ги соопшти своите планови во врска со иднината на Твитер, но ексцентричниот милијардер во минатото во повеќе наврати беше критички настроен кон односот на Твитер спрема правото на слобода на говор и примената на цензура.
„Со оглед на тоа што Твитер де факто функционира како јавен градски плоштад, неуспехот да се придржува кон принципите за слобода на говорот фундаментално ја поткопуваат демократијата. Што треба да се направи?“ – напиша Маск на неговиот профил на Твитер, само неколку денови пред купувањето на акциите во компанијата.
Given that Twitter serves as the de facto public town square, failing to adhere to free speech principles fundamentally undermines democracy.
What should be done? https://t.co/aPS9ycji37
— Elon Musk (@elonmusk) March 26, 2022