Стотици познати имиња од светот на технологијата, вклучително и извршниот директор на Tesla, SpaceX и Twitter, Елон Маск, ко-основачот на Apple, Стив Вознијак, како и поранешниот американски претседателски кандидат Ендрју Јенг, го дадоа својот потпис за да го поддржат отвореното писмо во кое се повикува на шестмесечна пауза на експериментите со вештачка интелигенција.
Во писмото се бара од инженерите ширум светот привремено да ја запрат обуката на моќните алгоритми, бидејќи тие можат да претставуваат „длабоки ризици за општеството и човештвото“, тврдејќи дека „современите системи за вештачка интелигенција сега им стануваат конкурентни на луѓето во извршувањето на општите работни задачи“.
Носител на иницијативата е Институтот за иднината на животот, организација кој има за цел „да ги оттргне трансформативните технологии подалеку од екстремни ризици од голем обем и да ги насочи кон тоа да бидат корисни за животот“. Во претходно отворено писмо од 2015 година, организацијата напиша дека го поддржува развојот на вештачката интелигенција, но предупреди против нејзините потенцијални опасности.
„Моќните системи за вештачка интелигенција треба да се развијат само откако ќе бидеме уверени дека нивните ефекти ќе бидат позитивни, а нивните ризици ќе можат да се менаџираат. Оваа доверба мора да биде добро оправдана и да се зголемува со обемот на потенцијалните ефекти на системот“ – стои во писмото.
Питписниците не сугерираат целосен прекин на развојот на вештачката интелигенција, туку чекор назад од „опасната трка до сѐ поголемите непредвидливи модели на црни кутии со нови способности“.
„Човештвото може да ужива во просперитетна иднина со вештачката интелигенција. Откако успеавме да создадеме моќни системи за вештачка интелигенција, сега можеме да уживаме во „лето со вештачка интелигенција“ во кое ги собираме наградите, ги инженеруваме овие системи за јасна корист на сите и му даваме на општеството шанса да се прилагоди“, се заклучува во писмото.
Во моментот на пишување на оваа објава, отвореното писмо го имаат потпишано 1377 луѓе, со очекување дека тој број ќе расте. Организацијата секој ден го ажурира списокот, а секој од потписниците претходно треба да биде независно потврден пред да биде додаден кон листата.
Објавувањето на писмото доаѓа само неколку недели откако софтверската компанија OpenAI јавно го лансираше својот нов систем со вештачка интелигенција GPT-4.