Новиот, изненаден албум „Kamikaze“ на легендарниот рапер Еминем беше примен со големо воодушевување од неговите фанови, брзо искачувајќи се на лидерското место на голем број музички листи низ светот.
Албумот предизвика особено внимание поради бројните „дис“ песни во кои раперот остро критикува познати личности од политичкиот живот на САД и актуелната музичка рап сцена, па дури и Греми наградите.
Меѓутоа, и покрај одличниот прием од публиката, на музичките критирачари, најблаго речено, не им се допадна албумот. Тоа беше повод Еминем да ги „дисне“ и нив, но не преку песна, туку преку принт реклама објавена во The Hollywood Reporter.
Како визуелна основа на рекламата е земен омотот на албумот, при што на врвот со големи букви стои „Not For Your Consideration” („Не е за вашето внимание“), по што следуваат цитирани извадоци од негативни критики за албумот објавени во списанија како Pitchfork, Billboard, Noisey, Rolling Stone, и самиот весник во кој е објавена рекламата – The Hollywood Reporter. На крај стои статистика за успехот на албумот – „Број 1 во 103 држави и 434,000 единици од албумот продадени во САД во првата недела од објавувањето“, завршувајќи со „благодарност“ од Еминем до музичките критичари: „Ви благодарам за поддршката с*рковци!“.
Уредникот на The Hollywood Reporter Метју Белони ја прифати критиката од Еминем, објавувајќи ја рекламата на Твитер заедно со пораката „Почит за Еминем и неговата издавачка куќа за оваа смешна реклама во THR магазинот. Дали е ова принт еквивалент на дис-трака?“
По објавувањето на рекламата, фановите на Еминем побараа таа да биде испечатена и како официјален постер кој ќе може да се купи.