Од 20 до 26 јули, 2025 година, Скопје ќе биде центар на младинскиот спорт во Европа, кога ќе се одржи Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) – најголемиот спортски настан за млади спортисти на Стариот континент. Овој престижен фестивал ќе донесе над 2.500 талентирани спортисти од 48 европски земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, покажувајќи ја својата посветеност, упорност и спортски дух.
Спортови што инспирираат и обединуваат
Програмата на ЕМОФ Скопје 2025 опфаќа 15 спортски дисциплини кои ќе се одржуваат во најсовремените спортски арени во главниот град, како и во Куманово и Осиек, Хрватска. Атлетика, пливање, џудо, велосипедизам и гимнастика се само дел од спортовите во кои ќе се натпреваруваат младите олимписки надежи, претставувајќи ги боите на своите држави.
Во рамките на фестивалот, посебен акцент ќе биде ставен на екипните спортови како кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3×3, кои не само што ја тестираат физичка издржливост, туку и ја нагласуваат важноста на тимскиот дух и соработката. Останати спортови кои ќе бидат дел од богатата програма на фестивалот се бадминтон, кајак слалом, стрелаштво, теквондо и пинг-понг, кои ќе им овозможат на младите спортисти од цела Европа да ги покажат своите вештини и натпреварувачки дух.
Арени кои ќе сведочат на нови спортски јунаци
За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со уметничката гимнастика, која ќе се одржи во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.
Спортските арени како Спортскиот центар „Борис Трајковски“, арената „Јане Сандански“ и атлетскиот стадион ќе бидат сведоци на нови рекорди, емотивни победи и незаборавни моменти што ќе ги инспирираат идните генерации на спортисти. Атлетскиот стадион е главната атлетска локација за време на одржување на фестивалот ќе биде местото на одржување на различни атлетски дисциплини, вклучувајќи трчање, скокови и фрлачки натпревари.
Визија за иднината – спортот како двигател на младите
ЕМОФ Скопје 2025 не е само натпревар, туку и платформа за создавање нови пријателства, меѓусебно учење и градење на идни спортски амбасадори. Фестивалот ќе ја истакне важноста на тимскиот дух, почитта и фер-плејот, додека официјалната маскота Shiny ќе внесе дополнителна енергија и позитивни вибрации, симболизирајќи ја младешката страст кон спортот. Скопје е подготвено да биде сцена на идните спортски ѕвезди, каде што секој натпревар ќе биде приказна за успех, напор и страст кон спортот.
Подгответе се за возбудлива спортска манифестација, исполнета со динамични натпревари, навивачка еуфорија и незаборавни моменти – Македонија е подготвена да биде домаќин на следната генерација европски спортски ѕвезди!
Повеќе за фестивалот ЕМОФ Скопје 2025 можете да дознаете на следниот линк: https://www.instagram.com/skopje_2025/
Доколку сакате да се приклучите на овој спортски спектакл како волонтер повеќе информации може да најдете на: https://skopje2025.sporteurope.org/skopje-volunteers/