Македонскиот интернет простор од пред неколку недели е збогатен и со уште еден специјализиран портал.
EНаука.мк (www.enauka.mk) ќе се обиде на дневна основа своите читатели да ги запознава со најновите случувања, истражувања и информации од повеќе научни дејности и да ја промовира и афирмира научната мисла за како што велат основачите “враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови“.
Влатко Стефаноски, основач на ЕНаука, за Маркетинг365 по повод официјалната промоција на порталот изјави:
“Соочени со креираниот вакум на македонското интернет поднебје, каде што доминираат интернет страни со претежно забавни, дневно политички и популарни содржини, и очигледениот недостаток на тематски специјализирани и професионални портали сакавме преку позитивен пример да покажеме дека нашите граѓани не ги интересира само забава, шоу бизнис и политика, него дека тука има доволно простор и интерес и за наука.
Една модерна држава и модерна економија неможе да го замисли својот прогрес без присуство на науката и технологијата и овој портал го креиравме без притоа да размислуваме за некаков економски личен бенефит него тргнавме од желбата и визијата во каков свет и во какво општество ќе ги растеме нашите деца.
Сметам дека медиумите имаат клучна улога во креирањето на јавното мислење и одредени општествени трендови и дека тие заедно со државните институции можат да продуцираат средина која ќе овозможи креативни дискусии, истражувања и иновации кои на крајот сигурно ќе резултираат со подобрување како на економските така и на општествените процеси во државата.
Главните наши цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и поттикнување конструктивни дебати, експерименти и иновативно размислување во сите свери на општеството што се надеваме дека ќе ги постигнеме преку континуирано подобрување во квалитетот на работа, содржините и вестите како и преку инволвирање на релевантни македонски научници и професори, обработувајќи се повеќе домашни истражувања и теми битни за нашето општество.
Друга специфичност на Енаука.мк е фактот дека за секојдневното функционирање на порталот ангажиравме високообразовани лица со хендикеп со полно работно време и ќе се обидеме да покажеме преку нашиот позитивен пример дека местото на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија.“
Маркетинг365 на тимот од ЕНаука.мк им посакува многу успех во остварување на нивната мисија, многу напишани статии и многу читатели !