За прв пат по повеќе од 35 години од основањето на креативните награди Epica, ќе гласа некој што не е новинар, ниту пак човек! Од вештачката интелигенција ќе биде побарано да ги донесе своите оценки врз основа на текст: резимето на креативната идеја што агенциите мора да го вклучат во своите апликации. Тоа значи дека „жирирачот“ базиран на вештечка интелигенција ќе ја оценува само идејата, но не и нејзиното извршување.
Таканаречениот AI Jury Experiment ќе се одржи на маргините на овогодинешното издание на Epica Awards, а резултатите нема да се сметаат за официјални награди.
Во оваа првична верзија, вештачката интелигенција ќе го ограничи својот фокус на категории кои вклучуваат технологија и дигитални медиуми. Вештачката интелигенција ќе има задача да ја оценува секоја идеја во однос на другите во нејзината категорија. Секоја идеја ќе биде оценувана повеќепати, а конечната оценка ќе биде формирана преку пресметувањето на нивниот просек – со цел да се обезбеди поцврста проценка на вредноста на секој поединечен креативен концепт.
Наградите Epica ќе ги објават резултатите заедно со нивната официјална листа на победници на 8 декември 2023 година.
Директорот на овој дел од проектот, Николас Хуве, кој ја дал иницијативата за експериментот со вештачката интелигенција, вели: „Вештачката интелигенција е подготвена да ја револуционизира креативноста, а како организација за доделување креативни награди едноставно не можеме да ги затвориме очите. По неколку месеци тестирање, уверени сме дека сега имаме работен протокол, иако само за истражувачки цели. Нашето жири со експериментална вештачка интелигенција не е дел од нашето главно жири и немаме планови да ги замениме нашите ценети новинари. Но, ќе биде фасцинантно да се види дали резултатите имаат нешто заедничко“.
Уредничкиот директор на Epica Awards, Марк Тунгејт, дополнува: „Нашето новинарско жири сака да ги документира актуелните настани, а вештачката интелигенција е приказната на моментот. Има смисла да се вклучиме во разговорот. Epica има историја на иновации. На пример, ние бевме првите креативни награди што ја воведувме категоријата Употреба на вештачка интелигенција. Овој експеримент ќе биде интригантен и забавен. Сепак, ние веруваме дека луѓето се најдобриот судија за човечката креативност“.