Брендот за достава на храна и официјален партнер на одложеното Евро 2020 (2021), Just Eat, лансираше нова реклама во пресрет на Европското фудбалско првество во која главна ѕвезда е легендарниот француски фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона.
Реклмата отпочнува со сцена во која Кантона, кој вчера наполни 55-години, нарачува храна преку Just Eat. Во следните 30-тина секунди го гледаме „патешествието“ на доставувачот кој се соочува и успева да надмине различни препреки со цел да ја заврши својата задача. Притоа, тие препреки се споредувани со слични ситуации на фудбалските терени. Доставувачот дури и го поминува одбрамбениот играч на Ливерпул, Вирџил Ван Дајк.
На крајот, доставувачот стигнува до дестинацијата, но останува вчудовиден во моментот кога гледа кој ја нарачал доставата. Кантона со невербален гест му посочува на доставувачот да ги крене своите јаки околу вратот (препознатлив елемент од стилот на Кантона) и му дава одобрување за доставената храна.
Рекламата е создадена со помош на агенцијата McCann London и продукциската куќа Blink Productions. Рекламата ќе се емитува на 18 пазари ширум светот, при што медискиот закуп е задача на UM.