Претходно пишувавме за необичните промотивни материјали кои може да се нарачаат преку официјалната веб-страница на кампањата за реизбор на американскиот претседател Доналд Трамп. Меѓутоа, деновиве се појави уште еден куриозитет поврзан со истата веб-страница, овој пат замислен како напад кон веројатниот противкандидат Џо Бајден.
Имено, доколку посетителите на веб-сајтот кликнат на „скршен“ линк или се обидат да пристапат кон суб-страница која не постои (т.н. Error 404), ќе бидат пренасочени кон страница на која се наоѓа фотографија на Џо Бајден со подзината уста и текстот: „Се чини дека ти си изгубен колку и мене“.
Овој „низок удар“ се базира врз шпекулациите за опаѓање на когнитивните способности на Бајден, кој за време на внатрепартиските избори во Демократската партија често се наоѓаше во позиција да пелтечи и да заборава мисли, поенти и имиња. Поради тоа, актуелниот претседател на државата и кандидат за реизбор на Рапубликанската партија, Доналд Трамп, познат по својата навика за смислување прекари на своите противкандидати, почна да го нарекува и „Заспаниот Џо“.
Од друга страна, доколку направите Error 404 на веб-страницата на Џо Бајден, ќе бидете пречекани од „кул“ фотографија на Џо Бајден со црни наочари и сладолед, пропратена со пораката: „Изгледа дека таа страница не постои. Останете смирени – јас ќе нé вратам на вистинскиот пат“.