Денот на Свети Патрик (17 март) се смета за најважниот празник на Ирците, најчесто прославен со висока чаша темно пиво со убава кремаста пена. Меѓутоа, брендот на ликер со вкус на кафе Kahlúa ја предизвикува таквата традиција, предлагајќи своја темна алтернатива со кремаста пена: Еспресо-мартини.
Со таа цел, брендот лансираше хумористична реклама чие дејство се случува во некој ирски паб каде сите пијат пиво, со исклучок на еден повозрасен човек кој нарачува Еспресо-мартини. Реакцијата на останатите е шок и неверување, но човекот е одлучен и цврсто останува на својот алтернативен избор, по што атмосферата во пабот се претвора во општа веселба.
Покрај спотот, кампањата ќе вклучува и надворешни реклами, стратешки поставени во близина на ирски пабови ширум Обединетото Кралство и Ирска.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Wieden+Kennedy London и продукциската компанија Wrack. Спотот е режиран од страна на северноирскиот режисер Мајкл Ленокс, кој може да се пофали и со номинација за Оскар.