Денес, во 8 часот и 42 минути, втората најпопуларна криптовалута во светот Етереум го комплетираше „спојувањето“ (“The Merge“).
Долгонајавуваниот настан претставува трансформација на „блокчејн“ технологијата со цел таа да биде енергетски поодржлива и поефикасна. Имено, со ова ажурирање, криптовалутата повеќе нема да се потпира на „доказ за работа“ (proof of work), туку на „доказ за удел“ (proof of stake).
Тоа значи дека „спојувањето“ го прекинува потпирањето на мрежата на енергетски интензивниот процес на „копање“ криптовалути. Очекувањата се дека Етереум сега ќе консумира 99.9% помалку електрична енергија од претходно.
Комплексноста на ажурирањето беше надополнета со фактот дека се работи за еден од најголемите потфати во историјата поврзани со софтвер со отворен код, кој бара координација меѓу десетици тимови и голем број индивидуални истражувачи, програмери и волонтери.
Целиот процес беше внимателно следен од крипто-инвеститори, ентузијасти и скептици поради влијанието што се очекува да го има на пошироката блокчејн индустрија.
Во минутите веднаш по спојувањето, криптовалутата Етерeум се тргуваше по цена од 1.594 долари.