Европската комисија планира да ги заостри правилата за отстранување на екстремистички содржини од социјалните мрежи и воведувањето на казни за интернет платформите, кои оваа содржина нема да ја отстранат во рок од еден час.
Како што пренесува Фајненшл тајмс, Европската комисија планира нова регулатива која би се однесувала на Facebook, Twitter, YouTube и други интернет платформи и ќе бара од нив да ги отстранат екстремистичките содржини поставени од страна на корисниците во рок од 60 минути или ќе бидат парично казнети. Според извештајот објавен во март оваа година, незаконските и екстремистичките содржини објавени на интернет се најштетни токму во првиот час по објавувањето, а истражувачите заклучија дека “постои значителен простор за подобрување” на пристапот за нивно отстранување.
Социјалните мрежи имаат правила за поставувањето на незаконска и екстремистичка содржина и редовно ги отстрануваат таквите содржини и ги затвораат профилите кои промовираат тероризам. Минатата година Google спречи профилите на YouTube кои објавуваат говор на омраза или екстремистичка содржина да учествуваат во рекламирањето на оваа мрежа, односно формираше партнерство со други интернет компании – Твитер, Фејсбук и Мајкрософт – кое има за цел соработка во областа на идентификација и отстранување на терористички содржини од интернет . Воведувањето на регулатива каква што предлага Европската комисија би значело преминување од интерните процедури на експлицитни правилата дефинирани од страна на институцијата.
Новиот сет на регулативи ќе биде објавен следниот месец, а пред да може да се примени, мора да биде одобрен од страна на Европскиот парламент и поголемиот дел од земјите-членки.