Оваа недела, Европскиот парламент официјално гласаше за Законот за дигитални услуги (Digital Services Act) и Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act), два значајни закони кои имаат за цел да ги направат онлајн компаниите поодговорни додека промовираат побезбеден интернет.
Давателите на дигитални услуги, како што се социјалните медиуми и онлајн пазарите, сега ќе мора да направат големи промени и да се придржуваат до новите регулативи наведени во Законот за дигитални услуги, вклучително и да се справат со нелегалната содржина, дезинформациите и другите „ризици за општеството“.
Освен зајакнувањето на следливоста, зголемувањето на транспарентноста и забраната за залажувачко рекламирање, големите платформи со повеќе од 45 милиони месечни корисници ќе се држат според уште построги стандарди и ќе бидат предмет на независни ревизии од регулаторите.
Од друга страна, Законот за дигитални пазари дефинира правила кон кои ќе мора да се придржуваат доминантните онлајн платформи, со цел да се создаде поконкурентна и поправедна деловна средина за онлајн потрошувачите.
Ова вклучува дозволување на корисниците од трети страни да разменуваат информации без да бидат ограничени на една платформа, давање пристап на бизнисите до податоците што тие ги генерираат и стопирање на практиката на поповолно рангирање на сопствените производи.
Доколку се утврди дека платформата не работи во согласност со новите закони, Комисијата може да наметне високи казни до 10% од вкупниот светски промет на компанијата, па дури и до 20% за повторување на прекршувањето.
„Предолго технолошките гиганти имаа корист од отсуството на правила. Дигиталниот свет се разви во Див Запад, каде најголемите и најсилните ги поставуваа правилата. Сега правилата и правата ќе бидат зајакнати. Ја отвораме црната кутија на алгоритми за да можеме правилно да ги погледнеме машините за правење пари зад овие социјални медиумски платформи“, истакна данската европратеничка Кристел Шалдемозе.
Законот за дигитални услуги ќе почне да се применува 15 месеци по официјалното усвојување, додека пак Законот за дигитални пазари ќе почне да се применува шест месеци по усвојувањето.