Европската Комисија ги критикуваше онлајн платформите Фејсбук, Амазон, Алибаба и И-беј поради наводно користење на „измамнилчки маркетинг техники“, со кои ги злоупотребуваат стравувањата на потрошувачите од корона вирусот за економска корист.
Европскиот комесар за правда и заштита на потрошувачите, Дидије Рејндерс, испрати писмо до тие платформи, во кое бара од нив да соработуваат заедно за да се елиминира „лажното“ рекламирање за одредени производи кои, наводно, го спречуваат или лекуваат од вирусот COVID-19.
„Во интерес на онлајн платформите како вас е да ги заштитат корисниците од ризикот од нелегални активности што можат да им наштетат на потрошувачите во Европската унија во моментот кога тие се најмногу изложени на ризик, заради тековните трагични настани што ја погодија и Унијата и светот“, наведе во писмото Рејндерс.
Еврокомесарот ги замоли платформите да преземат мерки за решавање на проблемот и да го засилат „отстранувањето на нелегалната содржина“.
Правото на ЕУ бара платформите активни на територијата на Унијата да преземат вакви мерки доколку дознаат за одредени нелегални активности на нивните страници.
Писмото е испратено во понеделникот, 23 март, по заедничкото соопштение на агенциите за заштита на потрошувачите на земјите-членки на ЕУ минатата недела, во која се наведени најчестите прекршувања на одредбите на ЕУ за правата на потрошувачите во врска со епидемијата на вирусот корона.
Овие прекршувања вклучуваат лажни тврдења дека некои производи можат да помогнат во борбата против корвирусот, како и агресивни маркетинг техники и превисоки цени за одредени производи. Потрошувачите во ЕУ се и мета на измама со помош на таканаречените „фишинг мејлови“, кои нудат брза помош на лицата заразени со вирусот, а всушност служат за нелегално собирање податоци за нив за други цели.
Ова неодамна го истакна извршниот директор на Агенцијата за кибернетичка безбедност во ЕУ (ENISA), Јухан Лепасар, предупредувајќи во својот блог, дека мејловите кои даваат впечаток на итност или предупредуваат за тешките последици од неодговарањето на нив, може да претставуваат обиди за сајбер измама.
Светската здравствена организација (СЗО) неодамна издаде упатства во кои се вели дека компјутерските криминалци ширум светот се обидуваат да се промовираат како реномирани даватели на здравствени услуги.
И Федералната комисија за трговија на САД (ФТЦ) издаде серија упатства за да им помогне на граѓаните да ги препознаат потенцијалните измами поврзани за пандемијата со корона вирусот.
Американските сенатори Марк Ворнер и Ричард Блументал минатата недела извршија притисок врз Федералната комисија за трговија во САД да преземат мерки против Гугл во врска со реклами за заштитни маски кои, како што се наведува во рекламата, „обезбедуваат доволна заштита од зараза со корона вирус“.
„Гугл повеќе пати ги советуваше своите корисници дека нивните правила забрануваат промоција на производи, како што се заштитни маски, а сепак се чини дека компанијата не презеде ниту најосновни чекори за спроведување на тие насоки“, велат во заедничкото писмо сенаторите Ворнер и Блументал .