Европската унија со посебен закон ќе го регулира политичкото рекламирање на онлајн платформите како Фејсбук и Гугл.
Нацрт-законот предвидува строги казни за интернет компаниите кои злоупотребуваат кориснички податоци во рекламите за политичари, изборни кампањи и решавање на социјални проблеми.
Нацртот на новиот закон на ЕУ, како што нагласува Фајненшл тајмс, содржи одредби според кои технолошките компании мора јасно да наведат кому ги испраќаат своите политички реклами, колку време траат нивните реклами, како и да објават како одредуваат кој ќе ги гледа.
Во нацртот се наведува дека големите интернет компании ги користеле податоците на граѓаните во политичките реклами на начин што негативно влијаело на слободата на мислење и информирање, како и на политичките одлуки за гласање на избори. Поради тоа имаше многу поплаки дека на политичките партии им е дозволено да се рекламираат преку интернет без никаква транспарентност или најава.
Фејсбук заработи речиси 3 милијарди долари од реклами на социјалните медиуми, избори и политика само во САД од мај 2018 година, а Google 810 милиони долари.
Новите правила на ЕУ се очекува да ги принудат политичките партии да ги означат своите онлајн реклами. Ќе треба да се разјасни и која политичка партија платила за огласот.
Регулативата треба да стапи во сила пред 2024 година, кога истекува мандатот на сегашниот состав на Европскиот парламент. Построгите правила ќе ги принудат и огласувачите на Твитер да ги означат сите клиенти кои им плаќаат за да се рекламираат.
Компаниите кои ќе ги прекршат овие правила се соочуваат со високи казни во износ од пет проценти од нивниот вкупен приход. Извршувањето на овие казни треба да го спроведат членките на ЕУ.
Регулирањето на политичкото рекламирање на интернет е дел од пошироката иницијатива во рамките на ЕУ започната поради предизвиците што ги поставуваат новите технологии.