Европската Унија и Соединетите Американски Држави вчера постигнаа договор за прекуграничен трансфер на податоци, ставајќи крај на тригодишниот ќорсокак околу ова прашање.
Одлуката го обновува слободниот проток на кориснички податоци меѓу двете јурисдикции – размена врз која се потпира голем дел од информатичката економија и изнесува милијарди долари во сферата на трговијата.
Трансатлантскиот пренос на податоци беше попречен со одлука од 2020 година на Европскиот суд на правдата, поради загриженост околу пристапот на американските разузнавачки агенции до податоците на Европјаните.
Новата рамка, воспоставена од Европската комисија, признава дека САД нудат доволна заштита за податоците на Европјаните кои што се испраќаат и складираат во САД. Договорот исто така воспоставува неколку нови права за жителите на ЕУ, вклучувајќи ја и можноста да добијат пристап до нивните лични податоци и да бараат корекција или бришење на неточни податоци или податоци со кои било постапувано незаконски.
„Новата рамка за приватност на податоците помеѓу ЕУ и САД ќе обезбеди безбеден проток на податоци за Европјаните и ќе донесе правна сигурност за компаниите од двете страни на Атлантикот“ – истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по постигнувањето на договорот.