Европската комисија минатата недела соопшти дека наредната година ќе ги ревидира директивите за аудио-визуелни медиуми и за авторски права, со цел да ги усогласи со растечкиот опсег и влијание на социјалните мрежи.
Оваа најавена ревизија е поттикната од брзиот технолошки развој и од сè поголемата улога што дигиталните платформи ја имаат во информирањето на граѓаните, особено во периоди на избори. Иницијативата е дел од пошироката стратегија за создавање на т.н. „Европски демократски штит“.
Според планот, Комисијата ќе се консултира со различни засегнати страни, вклучувајќи медиумски организации, преставници на граѓанскиот сектор, технолошки компании и експерти, пред да бидат предложени конкретни законски измени. Овие консултации треба да обезбедат подобро разбирање на предизвиците поврзани со современиот медиумски пејзаж и да помогнат во формулирање регулативи што ќе го штитат јавниот интерес, без да го ограничат иновативниот потенцијал.
Потпретседателката задолжена за технологиите и демократијата, Хана Виркунен, нагласи дека Комисијата има намера да го модернизира и регулира огласувањето, вклучувајќи ја и содржината создадена со вештачка интелигенција. Дополнително, првпат ќе бидат опфатени и активностите на инфлуенсерите, кои иако имаат значително влијание врз јавноста, досега не биле предмет на посебна законска рамка. Виркунен истакна дека ваквото регулирање е неопходно за да се спречи злоупотреба, особено во контекст на политичките кампањи и предизборната комуникација.
Овие мерки се дел од пошироките напори на Европската унија да ја зајакне работата на јавните медиуми, кои се опфатени со директивата за аудио-визуелни услуги, како и да обезбеди поцврста заштита на авторските права во однос на вештачката интелигенција. Целта е да се создаде посигурна, потранспарентна и поправедна дигитална средина, во која граѓаните ќе можат да добиваат точни информации, а креаторите на содржини ќе имаат гарантирана заштита на своите права.

















