Потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова и европскиот комесар Тиери Бретон ги претставија плановите за медиските правила ширум ЕУ на Форумот на европски новински медиуми и најавија средства од ЕУ за формирање на „европска редакција“ која ќе обедини 16 новински агенции.
„Оваа прва европска редакција ќе им овозможи на новинарите заеднички да известуваат за ЕУ, како и да го поттикне духот на соработка“, порача Бретон.
Тој изјави дека е убеден оти овој проект го зајакнува европскиот информативен простор и го зголемува пристапот на граѓаните до висококвалитетни информации.
Според податоците на Европската комисија, од средствата за стимулирање на проектот ќе бидат понудени и курсеви, како и повеќејазичен сајт со избрани текстови на новинските агенции на теми поврзани со ЕУ.
Во проектот, под координација на германската агенција ДПА, се вклучени новинските агенции АФП (Франција), АНСА (Италија), Аџерпрес (Романија), АПА (Австрија), АТА (Албанија), Белга (Белгија), БТА (Бугарија) , ЕФЕ (Шпанија), Европа Прес (Шпанија), ФЕНА (Босна и Херцеговина), ХИНА (Хрватска), МИА (Македонија), СТА (Словенија), Танјуг (Србија) и ТАСР (Словачка).
Имплементацијата на проектот ќе започне во јануари, а интегрираната редакција се очекува да почне со работа кон средината на следната година.
Проектот беше избран по отворен повик за доставување предлози во вредност од 1,76 милиони евра.
Претседателот на Асоцијацијата на европските агенции (ЕАНА) и директор на австриската агенција АПА, Клеменс Пиг, истакна дека станува збор за проект кој треба да го зајакне известувањето од ЕУ.
Тој нагласи дека моделите на соработка во медиумите стануваат се се` поважни.
„Кога 16 новински агенции од 15 земји во Брисел ја користат редакцијата заедно, со нивните национални ставови за Европа, сите имаат корист од тоа. Благодарение на тоа вмрежување расте квалитетот на новинарството“, истакна директорот на ДПА, Петер Крош.
Тој додаде дека во овој проект е особено важно што сите партнери ја изразиле својата посветеност за слободно и независно новинарство.