На околу 60% од прегледаните страници не се испочитувани прописите за заштита на потрошувачите на ЕУ, а на речиси 30% од страниците се откриени неправилности во наведувањето информации за правато на потрошувачите за повлекување на нарачката
Европската комисија и националните тела за заштита на потрошувачите од земјите-членки на ЕУ спроведоа студија во која беа вклучени 560 интернет продавници од цела ЕУ.
На околу 60% од прегледаните интернет страници биле забележани неправилности во однос на почитувањето на правилата на ЕУ за заштита на потрошувачите, главно во однос на истакнување на цените и промоциите.
Откриено е дека на 59% од 560 прегледани интернет страници, трговците не ја почитуваат обврската за поставување линк на Европската платформа за интернет решавање на спорови (ODR), што е задолжително според законодавството на ЕУ. Оваа платформа им овозможува на потрошувачите и трговците да ги решат споровите без да започнат судски постапки.
На речиси 30% од интернет страниците се пронајдени неправилности во наведувањето на информации за правото на потрошувачот да го откажете купувањето. Во согласност со законодавството на ЕУ, потрошувачите при купување на интернет мора да бидат јасно информирани за своето право на откажување.
“Трговијата на интернет отвора многу можности за потрошувачите. Но, на повеќе од половина интернет страници се пронајдени неправилности, пред се во однос на начините на истакнување на цените и попустите. Ова мора да се спречи, бидејќи тоа ги збунува потрошувачите, кои на крајот плаќаат повисока цена отколку што имале намера. Запрепастена сум од големиот број на интернет страници на кои е забележан овој проблем и се надевам дека тоа е несакан пропуст. Интернет трговците мора целосно да ги почитуваат прописите за заштита на потрошувачите во ЕУ. Националните тела за заштита на потрошувачите, со помош на Комисијата, преземаат неопходни мерки за да се запрат таквите нефер бизнис практики”, истакна Вера Журова, Европската комесарка за правда, заштита на потрошувачите и родовата еднаквост.
За повеќе од 31% од интернет страниците кои нудат попусти, телата за заштита на потрошувачите сметаат дека специјалните понуди не се веродостојни или сметаат дека намалената цена е нејасно пресметана.
На 211 интернет страници при плаќањето, крајната цена била повисока од почетната понудена цена, а на 39% од нив не се обезбедени соодветни информации за дополнителните неизбежни трошоци за испорака, начини на плаќање, надоместоци за резервации и други слични дополнителни трошоци.
Од ЕУ истакнуваат дека трговците мора да ги прикажуваат цените кои ги вклучуваат сите задолжителни трошоци, а доколку таквите трошоци не може да се пресметаат однапред, на купувачите мора да им биде јасно наведено дека тие постојат.
Европската комисија ќе ги достави резултатите од истражувањето до националните органи за заштита на потрошувачите, а потоа тие ќе ги преземат сите неопходни мерки за исправка на неправилностите со цел да се обезбеди заштита на потрошувачките права на граѓаните на ЕУ.