Во ЕУ, 16% од компаниите со најмалку десет вработени во 2016 година добиле нарачки преку веб-сајт или апликација, било од поединци, било од други компании.
Речиси сите овие компании продаваат во својата земја, нешто помалку од половина во ЕУ, а нешто повеќе од една четвртина и надвор од ЕУ. Уделот на европските компании кои продаваат производи преку интернет се зголеми од 12% во 2010 година на околу 16% во 2014 година и од тогаш е стабилен, објави Европската статистичка служба.
Во Ирска, Шведска и Данска веб продажба практикува четвртина од компаниите, во Холандија и Белгија, една петтина, и во Романија, Бугарија, Полска, Италија и Латвија само секоја десетта компанија.
Речиси сите компании во ЕУ кои тргуваат преку интернет продаваат на потрошувачите во сопствената земја, а кога станува збор за прекугранична е-продажба, се гледа разлика.
Повеќето компании во ЕУ кои продаваат преку интернет на потрошувачите во други земји-членки на ЕУ во 2016 година се регистрирани во Кипар (71%), па следат Австрија (69%) и Луксембург (61%). Најмалку, третина или помалку, се во Финска, Романија, Данска и Шведска.
Кога станува збор за продажба надвор од ЕУ, само во Кипар повеќе од половина од компаниите (62%) продаваат преку интернет на земји кои не се членки на ЕУ, во Малта тоа го прават 44% од компаниите, а во Ирска, Португалија, Грција и Австрија по околу 40%.
Европската комисија работи на создавање на единствен дигитален пазар каде што е-трговијата меѓу земјите непречено ќе продолжи. Тоа сеуште не е случај, а две од пет компании од ЕУ кои се занимаваат со веб-продажба, изјавиле дека во 2016 година имале тешкотии во трговијата преку интернет, особено заради трошоците за испорака и /или јазичните бариери.
Најголем дел (59%) од ЕУ-компаниите кои примаат нарачки преку веб-сајт или апликација, како што навеле, немале проблеми со интернет продажба во другите земји-членки на ЕУ.
Сепак, 38% од компаниите имале потешкотии, обично од економска природа, како што се високите трошоци на испорака или враќање на производите (27%), технички бариери (13%), прилагодување на ознаките на производите (9%) и/или заради надлежноста на судот во случај на спор (12%).