По Македонија, Србија, Црна Гора и Косово, „Еуроимпекс” од почетокот на годинава е новиот ексклузивен увозник на Peugeot и за албанскиот пазар.
Партнерството со „Пежо” (Automobiles Peugeot) трае четврт век, период во кој минавме многу и темелно го развивавме брендот Peugeot на домашниот пазар. Со задоволство го прифативме предизвикот да ги водиме пазарите на Србија и на Црна Гора уште кон средината на 2014 година и пристапивме сериозно од првиот ден. Развивме темелна стратегија за исполнување на обврските и на целите, а нашите постигнувања ни ги отворија вратите и кон другите пазари – Косово и Албанија, изјави Даниел Воиновски, генерален директор на „Еуроимпекс”.
Минатата година, групацијата ПСА ја промени стратегијата и го позиционираше брендот Peugeot скалило погоре. За да обезбеди развој, „Пежо” (Automobiles Peugeot) донесе одлука да примени регионална стратегија за увоз и за дистрибуција на возилата. По анализата, компанијата го избра „Еуроимпекс” за свој понатамошен регионален партнер, чијшто предлог-проект најдобро ја демонстрираше визијата на брендот за балканскиот регион.
Го застапуваме брендот Peugeot на пет пазари со вкупна популација од 14.452.555 жители. Ова за нас претставува сериозна обврска и мотив, со секоја наредна година Peugeot да бележи сé подобар пласман на пазарите на кои го застапуваме, вели Кирил Воиновски, генерален директор во „Еуроимпекс” и додаде: Како и досега, нашите цели се транспарентни и фокусирани кон клиентите, нивната лојалност, кон вработените и кон стабилниот развој на компанијата.
Македонската автомобилска компанија „Еуроимпекс” е основана во 1990 година и е првата приватна компанија во рамките на државата, чиешто работење е насочено кон трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија.