Во средата на 10.9.2025 година, првата приватна македонска компанија со дејност од автомобилската индустрија „Еуроимпекс“, прослави јубилеј од 35 години успешно стопанисување. Свеченоста беше посветена на тимот вработени на компанијата, а забавата ќе остане долго да се зборува и да се памти…
„Еуроимпекс“ започнува со работа во 1990 година, кога во Македонија немаше ниту една приватна компанија за продажба на автомобили. Тие беа први. Семејството Воиновски. Започнуваат скромно со само тројца вработени, а денес се гордеат со компактен тим од 150 вработени во Скопје и Белград и застапуваат два сериозни автомобилски бренда на територија од 5 држави во регионот.
“Бележиме автомобилска традиција од 3 поколенија…. почнувајки од нашиот дедо, потоа нашиот татко, сега јас и брат ми, а веќе и следната, четврта генерација Воиновски е тука, подготвена да продолжи по истиот пат. Од тука потекнуваат и оние вистински семејни вредности кои се рефлектираат во целокупното работење, како кон клиентите така и кон нашиот тим.
Нашиот тим е компактен, постојан, кој секогаш се грижи за своите клиенти. Со таков пристап се градат нераскинливи врски помеѓу компанијата, клиентите и соработниците. Hие сите заедно – преку доверба, создаваме иднина“ – изјави Кирил Воиновски, генерален директор на „Еуроимпекс“.
„Еуроимпекс“ е првично позната по своето застапништво на еден од најпознатите автомобилски брендови – Peugeot во Македонија и регионот, но истовремено е и генерален увозник на брендовите: TotalEnergies, Milwaukee, Bahco, Irimo, се грижи за развојот на ловиштето Ниџе, а од 2020 година е генерален застапник и за германскиот блиц – Opel во Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.
„Горди сме на нашата 35 годишна традиција на раст и развој. Но, тука не застануваме. Чест ми е да најавам дека заедно со тимот на Еуроимпекс, работиме во насока на изградба на два нови репрезентативни деловни центари. Едниот во Скопје, другиот во Белград. Заедно целиме кон уште подобри 35 години!“ – изјави Даниел Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
Ова беше еден од ретките настани обоени во кирилица. Гостите беа пречекани со лица во традиционални носии кои послужуваа македонски локум. Постоеше линк помеѓу минатото и иднината… Историски Peugeot возила блескаа крај црвениот килим, кои беа осветлени од најновите Peugeot и Opel модели, а по влезот во ресторанот беше искажано добредојде со шампањ и малини како симбол кој ги поведе гостите во иднината…
Гостите уживаа во македонска музика. Македонски шлагери ја преполнија просторијата со емоции. „За нас почнува живот“ и многу други, во изведба на Дина и The Ringtones. Нашата дива Калиопи, која воедно е и амбасадор на Peugeot брендот во Македонија, приреди маестрален настап, за време на кој гостите не стивнуваа од силни аплаузи и овации… Забавата продолжи на кирилица со Дина и The Ringtones, а гостите беа испратени со ракија и македонски домашен мед.
Ова не беше обична свеченост. Ова беше настан преполн со емоции, посветен на вредните колеги, соработниците и клиентите. Ова беше свеченост на која сопствениците и тимот на „Еуроимпекс“ покажаа како заеднички и тимски се гради и сака една компанија.