Американскиот бренд на храна за мачки Meow Mix ја објави својата нова реклама насловена “Wet Your Whiskers” („Навлажнете ги мустаќите“), во која се појавува мачешкиот бој-бенд Tabby 5.
Компанијата е препознатлива по својот џингл од еден мачешки збор, кој од 1974 наваму има добиено еден куп варијанти во разни музички жанрови, вклучувајќи R&B, латино и кантри. Овој пат, брендот се одлучи да внесе малку носталгија и да ги врати гледачите во 90-тите години на минатиот век и ерата на популарните „бој-бендови“.
Рекламата не бара многу мудрување: едноставно гледате забавен спот во кој пет анимирани мачки, облечени во фармерски јакни и кошули, шеширчиња и ланци, танцуваат на „романтична“ мачешка песна додека ги врне дожд. На крајот од рекламата се појавува и еден вистински претставник на бој-бенд ерата – JC Chasez од групата NSYNC.
Кампањата е создадена во соработка со агенциите PS One и BBH US, а ќе се емитува во контекст на телевизиското талент-шоу America’s Got Talent.