Европската комисија ја усвои конечната верзија на Кодексот за однесување за општонаменска вештачка интелигенција – документ што има за цел да обезбеди безбедна, транспарентна и одговорна употреба на напредните модели на вештачка интелигенција на европскиот пазар.
Кодексот е изработен од страна на 13 независни експерти во соработка со повеќе од 1.000 засегнати страни, меѓу кои претставници од индустријата, академската заедница, граѓанскиот сектор и експерти за безбедност и авторски права. Тој претставува доброволна алатка што ќе им помогне на технолошките компании полесно да се усогласат со одредбите од Законот за вештачка интелигенција (AI Act), кој стапува на сила на 2 август 2025 година.
Документот е поделен на три клучни поглавја: транспарентност, каде што се нуди образец за едноставна документација на моделите; авторски права, со насоки за усогласување со европското законодавство; и безбедност и заштита, вклучувајќи добри практики за справување со системските ризици – наменети за развојните тимови на најнапредните модели на вештачка интелигенција.
Потписниците на кодексот полесно ќе можат да ја докажат усогласеноста со барањата од Законот за вештачка интелигенција, со намалено административно оптоварување и поголема правна сигурност. Кодексот ќе биде дополнет со упатства и препораки од Комисијата, кои ќе бидат објавени пред почетокот на примената на законските обврски.