Европската организација LiveCom Alliance, која ги обединува асоцијациите на ивент индустријата од 12 европски земји (вклучително и македонската Асоцијација на Ивент Индустрија – ИВАП), оваа пролет спроведе истражување меѓу 298 од вкупно 1058 комуникациски и ивент агенции кои се дел од Алијансата. Целта беше да понуди реален увид во состојбите на европската ивент индустрија и предизвиците со кои таа се соочува. Главниот заклучок е дека пандемијата на Ковид-19 имаше огромно негативно влијание врз индустријата во 2020 година.
Според резултатите на истражувањето, комуникациските и ивент компании и агенции кои се поврзани со LiveCom Alliance во 12 европски земји, во 2020 забележале вкупен приход од 3.9 милијарди евра, што претставува пад од 68.4% во однос на приходот за 2019 година.
Сето тоа доаѓа како резултат на драстично помалиот број на настани, кои во 2020 година ги имало 68.5% помалку отколку во 2019 година. Тоа секако се одразило и врз бројот на вработени во ивент индустријата, па така во 2020 година имало пад од 54.5% во однос на вкупниот број на ангажирани лица во ивент индустријата во споредба со претходната година. Односно, повеќе од половина од луѓето останале без својата работа.
Околу 85% од компаниите и агенциите од ивент индустријата искористиле некаква помош од државата, при што, во просек, 37.6% од загубата на компаниите била компензирана од страна на државата, додека пак остатокот бил покриен од сопствени резерви и средства.
Истражувањето исто така поставува прашања за идните трендови во буџетскиот развој на компаниите и предвидувања околу приходите во годините што следат. Додека во 2019/2020 две-третини од компаниите посочиле дека имаат помали буџети од претходно, во моментот на составувањето на истражувањето, 48% од компаниите сé уште забележуваат пад во своите буџети, а само една четвртина од компаниите забележале растечки буџет. Предвидувањата се дека ивент индустријата дури во 2023 година повторно ќе го достигне вкупниот приход остварен во 2019 година.
Агенциите кои учествувале во истражувањето посочуваат дека развојните можности и трендовите на иднината ги гледаат во дигитализацијата и организирањето на онлајн и хибридни настани, но исто така актуелни ќе бидат и прашањата и предизвиците поврзани со здравјето и одржливоста.
Како најважни вештини за иднината на комуникациите во живо се посочуваат креативноста, дигиталната компетенција и способноста за само-менаџирање.
Целосниот извештај од истражувањето на LiveCom Alliance може да се симне и прочите на следниот линк.