Европската комисија се подготвува да отвори истрага за работењето на Google поврзано со дигиталното рекламирање, веројатно пред крајот на оваа година
Истрагата ќе се фокусира на односот на Google кон огласувачите, издавачите, посредниците и конкурентите, сигнализирајќи дека може да биде потемелна од онаа што францускиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција го направи минатата недела.
Франција склучи спогодба со Google за сличен случај пред две недели, а американската компанија се согласи да плати 268 милиони долари и презеде голем број обврски, забележува Ројтерс.
Интернет рекламирањето на Google му донесе приход од 142 милијарди долари минатата година. Најголем дел од приходите компанијата ги остварува со продажба на реклами на YouTube и Gmail.
Околу 16% од приходите одат на одделот за прикажување реклами, кој ја продава технологија на Google на медиумски компании, а тие ги користат за продажба на реклами на нивните веб-страници и апликации.
И двата дела од бизнисот на Google биле мета на регулаторите, а новата истрага на ЕУ на крајот би можела да ја опфати целата рекламна империја на Google, пишува Ројтерс.
Компанијата за истражување на пазарот eMarketer очекува Google да контролира 27% од глобалната потрошувачка на дигитално рекламирање оваа година, вклучително и нешто повеќе од половина од трошоците за реклами на резултатите од пребарувањето и 10% на трошоците за технологија за прикажување реклами.
Бројките можеби не сугерираат монопол на прв поглед, но огласувачите и конкурентите тврдат дека софтверот на Google игра голема улога во толку многу аспекти на пазарот, што компанијата е невозможно да се избегне.
Тие тврдат дека Google ја искористува зависноста на купувачите, продавачите и посредниците за да извлече високи давачки и да ја блокира конкуренцијата.
Доколку се потврдат информациите за новата истрага на ЕУ, тоа ќе значи дека Брисел отвора нов фронт во борбата против Google, посочува Ројтерс.
Во изминатите 10 години, ЕК веќе ја казни компанијата со повеќе од осум милијарди евра за блокирање на конкуренцијата во онлајн купување и интернет огласување, и инсталирање на оперативниот систем Андроид на мобилните уреди.