Европската комисија објави предлози за долгорочни правила кои имаат намера да воведат ред во дигиталниот свет, вклучувајќи ги и социјалните мрежи, интернет трговијата и другите платформи
Комисијата предложи две уредби – закон за дигитални услуги и закон за дигитални пазари, кои предвидуваат голем број обврски и забрани, како и санкции што треба да послужат за одвраќање на големите интернет-актери кои ја злоупотребуваат својата позиција.
„Овие два предлога имаат една цел: да обезбедат дека ние како корисници ќе имаме пристап до широк спектар на производи и услуги на интернет и дека меѓу компаниите што работат во Европа ќе има слободна и фер онлајн конкуренција, како што работат и офлајн “, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија, Маргарет Вестагер.
Новите правила, меѓу другото, ќе ги забранат нефер условите наметнати од платформите кои што станаа или се очекува да станат „супервизори“ на пристапот до единствениот пазар.
„Со денешните предлози обезбедуваме дигитален простор за следните неколку децении. Со усогласени правила, претходни обврски, подобар надзор, брзо спроведување и обесхрабрувачки санкции, на сите оние кои нудат и користат дигитални услуги во Европа ќе им гарантираме достапност на сите придобивки кои носат безбедност, сигурност, иновативност и деловни можности“, изјави комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон.
Досега, Комисијата се бореше со доминантната позиција на интернет гигантите како Гугл, Фејсбук или Амазон со тужби за кршење на правилата за конкуренција на пазарот.
Ова се покажа како доста неефикасно, пред се` затоа што тоа значеше да се реагира кога веќе е сторена повреда, а освен тоа, овие постапки траат многу долго. Со новите правила, пристапот целосно се менува, Европа сака да постапува дури и пред да се утврдат неправилностите.