Европската унија го казни американскиот технолошки гигант Apple со повеќе од 1,8 милијарди евра поради злоупотреба на својата моќна позиција на пазарот и наметнување антиконкурентни трговски практики. Ова е прв пат како Apple добива казна за кршење на законите на ЕУ.
Според европското регулаторно тело за конкуренција, технолошкиот гигант ги кршел антимонополските правила на ЕУ веќе една деценија така што ги ограничувал развивачите на апликации да ги информираат потрошувачите за алтернативни, поевтини музички услуги достапни надвор од екосистемот на Apple. Како резултата на таквите практики на Apple, корисниците морале да плаќаат „значително повисоки цени“ за услугите за стриминг на музика.
Од Apple одговорија дека ќе ја обжалат ваквата одлука, сигнализирајќи повеќегодишни правни борби во судовите на ЕУ.
Истрагата започнала уште во 2019 година, кога платформата за стриминг на аудио содржини Spotify поднела официјална жалба до регулаторите. Првичните очекувања беа дека казната ќе изнесува околу 500 милиони евра, но регулаторната комисија потоа донела одлука да изрече повисока казна од 1,8 милијарди евра.