Група активисти за заштита на приватноста на интернет изјавија дека започнале акција против стотици веб-страници поради пораките со кои се бара согласност за користење на „колачиња“(cookies), складирани податоци што се користат за следење на активноста на корисникот.
Здружението NOYB (None of your business), со седиште во Виена, соопшти дека испратиле повеќе од 500 нацрт жалби против компании во врска со „теророт со банерите за колачиња“ што го претвори интернетот во „фрустрирачко искуство за корисниците низ цела Европа“.
Многу од оние пораки што се појавуваат кога корисникот пристапува до некоја веб-страница барајќи од него да прифати “колачиња“, не се во согласност со законите на ЕУ, вклучувајќи ја и Општата уредба за заштита на податоците (GDPR), соопшти групата на активисти.
Ваквите пораки, кои станаа скоро сеприсутни на интернет, не му даваат на корисникот можност едноставно со „да или не“ да одговори на барањето за собирање податоци, како што налага законот.
NOYB изјави дека банерите често се направени на начин што е „исклучително комплицирано“ корисникот да кликне на што било друго, освен на опцијата „прифати“.
Првите нацрт-жалби беа испратени до 560 веб-страници во 33 земји, вклучувајќи ги сите членки на Европската економска област, освен Малта и Лихтенштајн.
NOYB ќе поднесе официјални жалби до регулаторните тела во рок од еден месец, доколку веб-страниците не преземат чекори за прилагодување на пораките за колачиња во согласност со законите за приватност и доколку не го променат нивниот„некоректен“ дизајн.
„Лажењето на луѓето да кликнат „ок“ е јасно кршење на принципите на GDPR. Според законот, компаниите мора да им дозволат на корисниците да избираат и да создадат фер систем“, рече еден од основачите на групата NOYB, австрискиот активист Макс Шремс, кој издвојува серија правни победи во областа на приватноста на интернет.
NOYB објави дека смислиле автоматизиран систем за препознавање на банери за колачиња кои ги кршат прописите за приватност и со помош на кој би можело да поднесат до 10.000 жалби во текот на една година.
Доколку нивната акција е успешна, здружението NOYB соопшти дека во текот на следните месеци „корисниците би требало да видат едноставни и јасни опции “да или не“ за собирање податоци на сè повеќе веб сајтови.