Овогодинешното натпреварување за песна на Евровизија го следеа околу 183 милиони луѓе, објавија во понеделникот организаторите од Европската радиодифузна унија (EBU).
Големото финале кое се одржа на 22 мај во Ротердам имаше 40,5% удел во гледаноста, што е за четири проценти повеќе од претходното финале на Евровизија во 2019 година.
Европската радиодифузна унија е особено задоволна од фактот што во возрасната група од 15 до 24 години, уделот на гледаност се зголемил на 52,8 проценти, што е за седум проценти повеќе од пред две години.
Евровизиската недела, која опфаќа две полуфиналиња, на официјалниот канал на Јутјуб ја следеа 50,6 милиони гледачи од 234 земји или 28% повеќе отколку во 2019 година.
„Воодушевени сме што гледачите се вратија на Евровизија во толку голем број и горди сме на тоа“, изјави извршниот продуцент Мартин Остердал.
Во Италија, победничката земја, финалето го гледале 4,3 милиони луѓе, најмногу во последните 10 години.
Во Холандија, земјата домаќин, имаше 5,4 милиони луѓе на малите екрани, најмногу од 2003 година, од кога започна да се мери гледаноста. Уделот во гледаност беа одлични 78,5 проценти.
Но, никој не може да се спореди со најголемите обожаватели на Евровизија, Исланѓаните, кои повторно имаа најголем „удел“ во однос на кој било пазар – изненадувачки 99,9%.
Единаесетта година по ред, Германија имаше најголем број гледачи во апсолутен број, односно вкупно 7,8 милиони.