Во американскиот Конгрес се разгледуваат нови закони кои ќе го отежнат политичкото рекламирање на онлајн платформите
Фејсбук, Гугл и другите онлајн платформи може да се соочат со построги правила за политичко рекламирање во САД, доколку новата предложена законска рамка биде усвоена од Федералната изборна комисија (FEC).
Предлогот напишан од страна на Елен Вејнтрауб, демократ и подпретседател на оваа Комисија, бара онлајн реклами да содржат исти објаснувања и наводи од спонзорите, како што е тоа случај за радио, ТВ и печатените реклами. Оваа комисија ќе ја разгледа новата законска рамка на својата следна јавна расправа на 8 март.
Овој чекор доаѓа во екот на се` поголемите критики на сметка на технолошките компании во Вашингтон, поради доминацијата на некои од нив на пазарот, но исто така и тврдења дека овие платформи се користат за сексуална експлоатација на децата.
Конгресот ги истражува начините на кои Русите ги користеле социјалните медиуми за да влијаат на изборите во 2016 година, а претставени се заеднички предлог закони кои ќе бараат од компаниите како што се Фејсбук и Гугл, јавно да ги објават информациите за спонзорите на политички реклами на нивните сајтови, вклучувајќи и колку тие трошат и која им е целната публика.
Иако предлогот на Федералната изборна комисија, ќе се применува во кампањите, политичките партии и други организации кои се обидуваат да влијаат на изборите, исто така, би можеле да влијаат и врз технолошките компании. Овие компании можеби ќе треба да ги прилагодат своите платформи за да можат да објавуваат такви видови појаснувања и одрекувања од одговорност кои што Комисијата ги предвидува.
Во текот на 2011 година, Фејсбук побара од Федералната изборна комисија исклучок од правилата за одрекувањето од одговорност, бидејќи нивните реклами користеле ознака “спонзорирано”, која не ги идентификувала спонзорите и не секогаш ги поврзувала со веб локацијата на спонзорот. Меѓутоа, Комисијата беше неодлучна при одобрувањето на ова изземање.
По открувањето дека Русите во 2015 и 2016 година, ги користеле Фејсбук, Гугл и другите интернет сајтови за да влијаат на Американците во однос на горливите социјални и политички прашања, Комисијата повторно го отвори процесот за донесување на прописи со кои се бара поголема транспарентност за онлајн рекламите. Предлог-законот бара текстуалните и графички реклами да го вклучат името на спонзорот и тоа “со букви со доволна големина за да бидат јасно читливи”.
Политичките реклами на стриминг музичките платформи или интернет радио станиците треба да вклучуваат усмени појаснувања, додека кандидатите кои купуваат онлајн видео и аудио реклами ќе мора да ги наведат своите имиња и да додадат: “Ја одобрувам оваа порака”.
Исто така, се бара мислења за тоа дали политичките организации кои користат бесплатни услуги – како видеа на YouTube – треба да наведат дека се одговорни за рекламите? Според постојниот закон, изјавите за одрекување се потребни само за платени реклами.
Овие нови правила, за чие усвојување ќе треба поддршка од републиканските членови на комисијата, исто така, настојуваат да предвидат како треба да се регулира развојот на технологиите, вклучувајќи ги и виртуелната и проширена реалност.