Технолошката компанија Facebook се согласи да исплати 52 милиони долари на модераторите на својата социјална мрежа како компензација за психолошката траума која ја доживеале на работното место.
Имено, во 2018 година, група на американски модератори на Facebook поднеле тужба против компанијата бидејќи не успеала да создаде безбедна работна околина за своите вработени. Модераторите тврделе дека во својата работа биле изложени на модерирање насилни и екстремно графички содржини, понекогаш дури и силување и самоубиства, поради што развиле посттрауматски стрес.
Во петокот, компанијата и модераторите постигнале договор за повлекување на тужбата, така што компанијата ќе треба да им исплати околу 52 милиони долари. Секој модератор на Facebook, сегашен и поранешен, ќе добие минумум од 1,000 долари плус дополнителни средства доколку имаат дијагностициран посттрауматски стрес. Над 11,000 модератори ќе имаат можност да бидат компензирани.
Од Facebook истакнуваат дека се посветени на обезбедување дополнителна помош за модерторите сега и во иднина. Компанијата се обидува да ја зголеми улогата на вештачката интелигенција во модерирањето на содржините на социјалната мрежа, со цел да се намалат сличните случаи во иднина.