Фејсбук ја губи популарноста кај помладата генерација, заради што претставниците на оваа социјална мрежа одлучија да создадат нова апликација наречена Lasso со која сака да го поврати вниманието на тинејџерите.
Lasso е апликација слична на популарната кинеска платформа Tik Tok која бележи голем раст на бројот на корисници.
Tik Tok е социјална мрежа и платформа каде што корисниците споделуваат музички видеа или кратки видео содржини со специјални ефекти.
Слични можности сега овозможува и новата апликација на Фејсбук.
“Lasso им овозможува на корисниците да креираат и споделуваат кратки видеа со забавни филтри и ефекти. Ги следите креаторите, пребарувате хаштази, ги откривате популарните и вирални снимки и ги споделувате со пријателите”, се наведува во описот на апликацијата Lasso.
Ова не е прв обид на Фејсбук да го привлече вниманието на младата популација, но досегашните активности на компанијата и социјалната мрежа на Марк Цукерберг не го остварија очекуваниот успех.
Според неодамнешните истражувања, само половина од тинејџерите користат Фејсбук оваа година, за разлика од 2014 година, кога повеќе од 70 отсто од нив изјавиле дека нивната примарна социјална мрежа е Фејсбук.